Alma Çekovic
24 Мај 2016•Ажурирај: 25 Мај 2016
БЕРЛИН (АА) - Баварското министерство за внатрешни работи ја започна кампањата за поттикнување на мигрантите да се придружат на полициските сили, без оглед дали имаат германско државјанство или не, пренесува Anadolu Agency (AA).
Јоаким Херман, баварскиот министер за внатрешни работи, изјави дека кампањата има за цел да ја подобри стапката на успешни решавања на злосторства во баварската полиција, пренесува германскиот дневник "Munchener Merkur".
„Искуството покажа дека мигрантите кои работат како полицајци имаат директни врски со мигрантските заедници бидејќи зборуваат исти јазици и подобро ги разбираат нивниот менталитет. Оптимистичен сум дека на овој начин можеме да ја подобриме нашата способност за решавање на злосторствата и намалување на конфликтите”, изјави Херман.
Баварскиот службеник истакна дека пропустите во истрагите на низата убиства на мигранти од страна на припадниците на Национал-социјалистичкото подземје (НСУ), терористичките неонацистички ќелии, ги мотивирале да започнат кампања.
„На полицијата ѝ недостига чувствителност во начинот на кој ги третираат семејствата на жртвите. Сфативме дека не би било лошо кога би имале повеќе странски колеги и тоа е нешто што го планираме веќе подолго време”, истакна Херман.
Во Баварија не постои евиденција колку полициски службеници се државјани на Германија со мигрантско потекло, но во последните 23 години во полицијата на таа сојузна држава вработени се 156 полицајци кои немаат германско државјанство.