Alma Çekovic
24 Мај 2016•Ажурирај: 25 Мај 2016
СТОКХОЛМ (АА) - Според последните истражувања поголемиот број на Швеѓани се изјаснија дека не сакаат нивната земја да се придружи на еврозоната и повеќето предвидуваат дека оваа скандинавска земја никогаш нема да ја прифати заедничката европска валута, пренесува Anadolu Agency (AA).
Истражувањето на Евробарометарот е спроведено во Шведска, Чешка, Полска, Бугарија, Унгарија, Хрватска, Романија, земјите кои не се дел од еврозоната, но ветија дека во еден момент ќе се придружат.
Податоците од истражувањето покажуваат дека 68 отсто од жителите на Шведска не сакаат да ја заменат националната валута, круна за евро. Триесет отсто од нив „строго” се противат на еврото, 38 отсто се „повеќе против” таа валута, додека само четири отсто од испитаниците се за воведување на еврото.
Жителите на Чешка се уште повеќе определени за задржување на националната валута. 70 отсто од нив не сакаат усвојување на европската заедничка валута.
Полјаците, исто така, сакаат да останат надвор од еврозоната, додека Бугарите, Хрватите, Унгарците и Романците својата домашна валута би ја замениле со еврото. Дури 66 отсто од Романците се определија за воведување на еврото наместо на леите.
И покрај севкупното противење, поголемиот број од испитаниците од седум земји сметаат дека еврото има позитивно влијание во земјите кои го усвоиле, пренесува шведскиот "The Local".
Инаку од овие земји е побарано формално да се придружат во еврозоната, во пратика одлуката останува на властите на тие држави. Во врска со тоа, 55 отсто од Швеѓаните не веруваат дека еврото некогаш ќе стане нивна валута.