Murat Ünlü
22 Јуни 2017•Ажурирај: 23 Јуни 2017
ПАРИЗ (АА) - Претседателот на Курдската регионална управа во северен Ирак (IKBY), Месут Барзани, изјави дека нема да се откаже од одлуката за распишување референдум за независност, јавува Anadolu Agency (AA).
Барзани зборуваше за француската телевизија „France24“ (Франс24), и притоа потсети дека во Курдската регионална управа во северен Ирак на 25.септември ќе биде одржан референдрум за независност.
На прашањето зошто токму сега е донесена одлука за референдумот, Барзани одговори: „А зошто не токму сега?“ и потсети дека референдумот за независност веќе неколкупати е одложуван.
„Ако чекаме сите проблеми да се решат и ако чекаме во регионот да биде воспоставена стабилност, мислам дека би можеле долго да чекаме“, смета Барзани.
На прашањето дали е можно референдумот за независност да биде откажан или одложен, Барзани изјави дека се работи за одлука за којашто не може да се направи чекор назад.
„Одлуката е донесена. Референдумот ќе биде одржан на 25 септември“, потврди Барзани.
Тој се осврна и на ситуацијата во регионот.
„Ситуацијата меѓу регионалната и централната влада моментално е неодржлива. Мораме да сториме сѐ за да го спречиме пролевањето крв. Ако некаде избие војна, тоа ќе биде голема војна“, порача Барзани.
Тој нагласи дека моментално имаат многу добри односи со ирачкиот премиер Хајдар ал Ибади, и дека работат во координација со централната влада.
На прашањето да ја прокоментира присутноста на странските сили во регионот, Барзани изјави дека ќе има потреба за присуство на странски сили и по ослободувањето на Мосул.
Барзани потврди дека нема да се кандидира на наредните претседателски и парламентарни избори во регионот.