Elena Teslova
26 Април 2023•Ажурирај: 27 Април 2023
МОСКВА (АА) - Руското Министерство за одбрана денес соопшти дека белоруските воени единици ја завршиле обуката за користење на тактичките ракетни системи Искандер што може да бидат вооружени со нуклеарни проектили, пренесува Анадолу.
Единиците на посебната ракетна дивизија на Белоруските вооружени сили детално ги проучувале одржувањето и употребата на тактичката специјална муниција, се вели во соопштението на Министерството.
Посебно внимание е посветено на натамошното унапредување на практичните вештини за подготовка на ракетниот систем за употреба, негово распоредување и спроведување обука за борбено лансирање, се додава.
Министерството истакнува дека белоруските војници покажале „максимална трудољубивост“ и „одлични резултати“ за време на обуката, потврдувајќи го „високото ниво на подготвеност за извршување задачи за одредената намена“.
Рускиот претседател Владимир Путин на 25 март најави дека Русија ќе распореди тактичко нуклеарно оружје и ќе ја заврши изградбата на специјално складиште за него во соседна Белорусија.
Путин истакна дека овој потег е одговор на зголемените безбедносни ризици, потенцирајќи дека Москва ги следи САД, кои го распоредија своето тактичко нуклеарно оружје во европските земји.