Ekip
26 Април 2023•Ажурирај: 27 Април 2023
АЛ-КУДС (АА) - Стотици израелски доселеници насилно влегоа во комплексот на џамијата „Ал Акса“ во окупираниот Источен Ал-Кудс (Ерусалим), јавува Анадолу.
Одделот за исламски донации во Ал-Кудс објави дека речиси 400 доселеници под полициска заштита упаднале во дворот на џамијата преку портата Муграби.
Репортерот на Анадолу јавува дека некои доселеници кренале израелски знамиња во комплексот, по што израелската полиција ги запрела и ги однела од тоа место.
Новиот упад на доселеници се случи во време кога Израел го слави својот национален ден, кој го означува создавањето на државата на урнатините на Палестина. Палестинците тој ден го нарекуваат „Накба“ (Катастрофа).
Откако израелските сили упаднаа во „Ал Акса“ и ги избркаа верниците од комплексот на џамијата претходно овој месец, тензиите низ палестинската територија се зголемија. Израелските напади беа предизвикани од ракетни напади од Појасот Газа и Либан, на што Израелците одговорија со воздушни напади.
Палестинците ги обвинуваат Израелците дека систематски го јудаизираат Источен Ал-Кудс, каде што се наоѓа „Ал Акса“, трето најважно муслиманско свето место.