Riyaz Khaliq Khaliq
19 Март 2024•Ажурирај: 20 Март 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денес изјави дека фокусот на неговата планирана посета на Саудиска Арабија и Египет ќе биде промовирање примирје во Појасот Газа и разговори за „вистинската архитектура“ за мир на Блискиот Исток, јавува Анадолу.
Целта на патувањето е „се разбира да се протурка договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците“, рече Блинкен на заедничката прес-конференција во Манила со филипинскиот министер за надворешни работи Енрике Манала.
Освен залагањата за прекин на огнот, тој рече дека со арапските лидери ќе разговараат за „вистинската архитектура за траен регионален мир“.
„Продолжуваме да се соочуваме со страшна хуманитарна ситуација за децата, жените, мажите во Газа“, изјави високиот американски дипломат, додавајќи дека на целото палестинско население во опколената Газа му е потребна хуманитарна помош.
„Сто отсто од населението во Газа се соочува со сериозна несигурност во храната“, рече Блинкен за време на прес-конференцијата што во живо ја пренесуваа повеќе медиуми од Манила.
„Ова е прв пат цела популација да биде толку класифицирана“, објасни Блинкен, цитирајќи различни извештаи за проценка.
Тој рече дека приоритет на Израел е да ги заштити цивилите и да ги обезбеди оние на кои очајно им е потребна хуманитарна помош.
Тој зборуваше и за 120-те новинари убиени во израелските напади во Газа.
„Новинарите сѐ повеќе се изложени на критики за нивната работа, во некои случаи буквално на удар. Знаеме колкав е бројот на новинари кои ги загубија животите во Газа“, рече Блинкен.
Израел, обвинет за геноцид, почна со напади врз Појасот Газа по 7 октомври минатата година и прекуграничниот напад на Хамас.
По обвинението за геноцид поднесено од Јужноафриканската Република на 26 јануари, Меѓународниот суд на правдата пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убиства, напади и уништување на жителите на Појасот Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.
Според Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се раселат, а постои и акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.
Блинкен зборуваше и за ситуацијата на Филипините. Тој рече дека Манила е „исклучително успешна во остварувањето и барањето на своите права според законот“.
Тој ја обвини Кина за кршење на меѓународното право и правата на Манила, што предизвика реакција од Филипините и многу други земји.