Alperen Aktaş
27 Април 2024•Ажурирај: 28 Април 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја обвини Кина за обиди да „влијае и несомнено да се меша“ на претстојните избори во Соединетите Американски Држави (САД), пренесува Анадолу.
„Општо земено, видовме докази за обиди за влијание и несомнено мешање, и сакаме да се осигураме дека тоа ќе се прекине што е можно побрзо“, изјави Блинкен во интервју за телевизијата Си-ен-ен на крајот од тридневната посета на Кина.
За време на посетата Блинкен се состана со клучни кинески претставници, меѓу кои и претседателот Си Ѓинпинг, на разговори за различни прашања меѓу двете земји, вклучително и за американските технолошки регулативи и ставот на Кина кон Русија.
Американскиот државен секретар рече дека во разговорите со Си укажал на претходното предупредување од американскиот претседател Џо Бајден против мешањето на изборите во САД 2024 година.
„Секое мешање на Кина во нашите избори е нешто што ние многу внимателно го разгледуваме и е целосно неприфатливо за нас, па затоа сакав да се осигурам тие повторно да ја слушнат таа порака“, истакна тој.
На изборите во 2018 година, поранешниот претседател Доналд Трамп, исто така, ја обвини Кина дека се обидува да се меша во внатрепартиските избори поради трговските спорови со неговата администрација.
Пекинг постојано ја истакнува својата политика на немешање во изборите во САД, наведувајќи го својот поширок принцип на почитување на внатрешните работи на другите земји.
Сепак, ентитети поврзани со Кина, вклучително и оние за кои постои сомневање дека имаат врски со Пекинг, се соочија со обвинувања за политичко мешање во држави како Канада.