Associated Press
25 Декември 2021•Ажурирај: 26 Декември 2021
РИМ (АА) - Папата Франциск во своето божиќно обраќање се помоли за крај на пандемијата на коронавирусот, за подобрување на здравствената заштита за сите, вакцини за сиромашните, како и за да надвладее дијалогот за решавање на судирите во светот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во услови на рекорден пораст на случаите на Ковид-19 во Италија оваа недела, само неколку илјади луѓе се собраа на мокриот од дожд плоштад „Свети Петар“.
Обично плоштадот би бил преполн со десетици илјади туристи.
Иако Италија оваа недела за прв пат регистрира над 50.000 случаи во еден ден, Владата не нареди повторно затворање.
Говорот на папата за Божиќ му дава можност да го сврти вниманието на светската публика на големите и малите конфликти. Ниту оваа година не беше поинаку. Папата Франциск се пожали за тековните судири во Сирија, Јемен и Ирак, новите тензии во Украина и Етиопија и „кризата без преседан“ во Либан.
„Толку се навикнавме на нив (конфликтите) што сега големите трагедии се премолчуваат. Ризикуваме да не го слушнеме крикот на болката и несреќите на толку многу наши браќа и сестри“, рече тој од балконот на базиликата „Свети Петар“.
Папата предупреди на тенденцијата на пандемијата за повлекување и изолирање, повикувајќи наместо тоа на дијалог за да се направат обиди за решавање на судирите во светот. Тој посебно упати молитва за оние што се најпогодени од вирусот и за жените и децата кои претрпеа зголемена злоупотреба за време на карантинот.
Се помоли за утеха и топлина за постарите лица кои се сами, како и за здравствените работници кои „великодушно се посветуваат во грижата за болните“.
„Отворете ги срцата да се осигурите дека неопходната медицинска нега - а особено вакцините – ќе им се обезбедат на оние на кои им се најпотребни“, порача папата.