Rania R.a. Abushamala
25 Декември 2024•Ажурирај: 26 Декември 2024
ГРАД ГАЗА (АА) - Бригадите Ал Касам, вооруженото крило на Хамас, денес објавија дека нивните борци извеле напади врз израелски војници, вклучително и врз израелски хеликоптер над бегалскиот камп Џабалија во северниот дел на Појасот Газа, пренесува Анадолу.
„Еден од нашите борци успеа да фрли рачна граната од непосредна близина на група окупаторски (сили) војници источно од кампот Џабалија“, се вели во соопштението на Бригадите на Телеграм.
Во друго соопштение Бригадите истакнаа дека еден од нивните борци истрелал ракета „САМ 7“ врз израелски хеликоптер „Апачи“ западно од кампот Џабалија, но не дадоа дополнителни детали.
Вооруженото крило, исто така, објави видео од напад со снајпер врз израелски војник што стои на тенк со други лица источно од кампот.
Израел започна голема копнена офанзива во северниот дел на Газа на 5 октомври за наводно да ја спречи палестинската група Хамас да се прегрупира. Но Палестинците го обвинуваат Израел дека сака да ја окупира областа и насилно да ги исели нејзините жители.
Оттогаш не е дозволен влез на доволни количини хуманитарна помош, храна, лекови и гориво во областа, оставајќи го преостанатото население на раб на глад.
Во бруталната израелска војна во Појасот Газа убиени се над 45.300 Палестинци, главно жени и деца, од 7 октомври 2023 година.
Минатиот месец Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во Газа.