Necva Taştan Sevinç
04 Февруари 2025•Ажурирај: 05 Февруари 2025
ИСТАНБУЛ (AA) – Речиси 700.000 жени во Велика Британија ќе учествуваат во големото клиничко испитување од Националната здравствена служба (НЗС) за процена на вештачката интелигенција (ВИ) во скринингот за рак на дојка, пренесува Анадолу.
„Испитувањето има цел да ја подобри брзината на дијагностицирање и да го намали притисокот врз радиолозите“, објави Би-би-си.
Со буџет од 11 милиони фунти, испитувањето за рано откривање преку информатичката технологија во здравството (Edith), кое треба да започне во април, ќе тестира пет платформи за ВИ на 30 локации.
Ќе бидат поканети да учествуваат жените што веќе имаат закажано рутински прегледи.
Во моментов двајца радиолошки експерти ги прегледуваат мамограмите за точност. Со новата технологија, ВИ би можела да овозможи еден специјалист да го заврши процесот, со што ќе се намали времето на чекање.
Со повеќе од два милиона мамографии што се изведуваат годишно, оваа технологија би можела значително да го олесни работниот товар врз Националната здравствена служба.
Луси Чапел, главна научна советничка во Одделот за здравство и социјална грижа, го опиша истражувањето како „значителен чекор напред“ во искористувањето на технологијата за подобрување на грижата за пациентите.
Министерот за здравство Вес Стритинг ја нагласи итноста за справување со стапките на преживување од рак во земјата и се обврза дека ќе претстави сеопфатен национален план за борба против ракот.
Сепак, Кралскиот колеџ на радиолози предупреди дека има недостиг на радиолози од 30 отсто, нагласувајќи дека само ВИ нема да ги реши проблемите со капацитетите.
Владата, исто така, објави јавен повик за прибирање мислења за да ја обликува својата претстојна национална стратегија за рак.