Zuhal Demirci
21 Јуни 2022•Ажурирај: 23 Јуни 2022
ЛОНДОН (АА) - Британското Министерство за внатрешни работи се подготвува да поставува GPS (Global Positioning System) уред на некои мигранти за нивно следење, како дел од 1-годишниот пилот-проект, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството за внатрешни работи се вели дека со електронскиот мониторинг-експеримент ќе се одржува редовен контакт со мигрантите и ќе се собираат податоци за тоа колку од мигрантите со кауција избегале од центрите за мигранти.
Врз мигрантите кои ќе имаат GPS-уред ќе може да се применува полициски час, да им биде забранет влез на одредени места и може да бидат приведени или кривично гонети доколку не се придржуваат на забраните.
Сè уште не се знае колку мигранти ќе бидат опфатени со пилот-проектот.
– Британскиот премиер Џонсон ја бранеше примената на GPS за мигрантите –
Бранејќи го пилот-проектот, британскиот премиер Борис Џонсон рече дека е важно мигрантите кои влегуваат во земјата да не исчезнат од системот.
Наведувајќи дека Велика Британија е многу гостопримлива земја, Џонсон рече: „Горд сум на тоа, но важно е да ја направиме разликата кога луѓето доаѓаат овде илегално, и кога го прекршуваат законот. Во нашата политика кон Руанда го правиме токму тоа.“
– „Британската Влада ги третира луѓето кои бегаат од војна и прогонство како да се криминалци“ –
Енвер Соломон, шефот на Советот за бегалци, за „Би-би-си“ (BBC) изјави дека е ужасно тоа што британската Влада ги третира луѓето кои бегаат од војна и прогонство како криминалци.
„Овој брутален и казнувачки пристап не само што не покажува милост кон многу ранливите луѓе, туку нема никаков ефект да ги одврати оние што очајно бараат безбедност во Велика Британија“, нагласи Соломон.
Клер Мозли, основачот на добротворната организација „Care4Calais“, која спроведува солидарни активности за бегалците и мигрантите, рече:
„Мислам дека тоа е многу непристојна практика. Бегалците генерално не бегаат. Нема податоци за да се покаже дека бегаат, никогаш не го направија тоа. Тие се тука да бараат азил, па зошто би бегале? Тие не се криминалци, тие се жртви. Третирањето на бегалците како криминалци од страна на Владата во основа не е ништо друго освен обвинување на жртвите.“