Ahmet Gürhan Kartal
28 Ноември 2017•Ажурирај: 29 Ноември 2017
ЛОНДОН (АА) - Градското собрание на Оксфорд ѝ ја одзеде почесната награда што тој британскиот град претходно ѝ ја беше доделил на активистката за човекови права Аунг Сан Су Чи, која во моментот е де факто лидер на Мјанмар, каде што муслиманското малцинство се соочува со брутално насилство и прогон, јавува Anadolu Agency (AA).
Нејзиниот пасивен став кон насилството што мјанмарската војска и националистичките групи го спроведуваат над муслиманите во Аракан беа повод за тајно гласање на советниците на Градското собрание.
„Аунг Сан Су Чи во 1997 година е одликувана со Награда за мир на Оксфорд бидејќи во тој период ги промовирала вредностите толеранција и човекови права, кои ги пропагира и нашиот град. Ја славевме нејзината борба против воената пресија во Бурма. Денес донесовме неотповиклива одлука за одземање на тоа признание поради нејзиниот пасивен став кон насилството врз Рохинџа муслиманите“, се наведува во соопштението на Градската управа на Оксофрд, која е дом на некои од најпрестижните универзитети на светот.
Во соопштението, исто така, се наведува дека Оксфорд има добра репутација во светот како заштитник и промотор на хуманитарните вредности и права и оти не смее тој углед да го извалка со наградување на поединци кои се слепи на бруталното насилство во Мјанмар.
Во септември оваа година, и раководството на Универзитетот во Оксфорд го отстрани од салата портретот на поранешната студентка Су Чи.
На почетокот од овој месец, ирскиот музичар и основач на хуманитарната организација „Лајв еид“ (Live Aid) Боб Годолф се откажа од наградата за мир што му ја врачи родниот град Даблин, а причина за тоа е фактот што истата награда ја поседува и Су Чи.
Признанието на Оксфорд за Су Чи имаше посебна важност бидејќи тоа е роден град на нејзиниот поранешен сопруг Мајкл Арис и град во којшто израснаа нејзините деца.
Своевремено добитничка и на Нобеловата награда за мир, Су Чи во неделата доби непопуларно признание, односно награда за исламофоб на годината, која ѝ ја додели Комисијата за човекови права, невладина организација во Лондон.
Араканските муслимани Рохинџа веќе со години се најзагрозеното етничко малцинство во светот, а од 25 август се соочуваат со нов бран насилства во мјанмарскиот регион Аракан.
Под изговор борба против милитантските групи, мјанмарската војска урна најмалку 300 муслимански села, од кои најмалку 620.000 жители се принудени на бегство кон соседен Бангладеш.