Ahmet Gürhan Kartal
12 Јануари 2022•Ажурирај: 13 Јануари 2022
ЛОНДОН (АА) - Британскиот премиер Борис Џонсон денеска од сè срце се извини поради забавата која се одржа на „Даунинг стрит“ за време на првиот карантин во Велика Британија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Сакам да се извинам“, рече Џонсон во кратката изјава кога започна неделната сесија за прашања во Долниот дом.
„Знам дека милиони луѓе низ земјата дадоа огромна жртва во последните 18 месеци“, рече тој.
„Ја знам маката низ која поминаа, не можејќи да ги оплакуваат своите роднини, не можејќи да ги живеат своите животи како сакаат или да ги прават работите што ги сакаат.“
Џонсон рече: „И знам дека чувствуваат бес кон мене и кон Владата која ја предводам, кога мислат дека во самата „Даунинг стрит“ правилата не се почитуваат соодветно од луѓето кои ги донесуваат правилата.“
„И иако не можам да ги предвидам заклучоците од тековната истрага, научив доволно за да знам дека има работи, што, едноставно, не ги сфативме како што треба.“
„Од сè срце се извинувам“, додаде тој.