Bayram Altuğ
31 Октомври 2017•Ажурирај: 01 Ноември 2017
ЖЕНЕВА (AA) - И покрај податоците коишто говорат дека се намалува бројот на араканските муслимани што бегаат од Мјнамар во Бангладеш, бегалскиот бран и понатаму трае, јавува Anadolu Agency (AA).
„Од 25 август до денеска, повеќе од 607.000 аракански муслимани пребегнаа од Мјанмар во соседен Бангладеш“, потврди гласноговорникот на Меѓународната организација за миграции (ИОМ), Џоел Милман
„И покрај намалувањето, луѓето и понатаму секојдневно доаѓаат во привремените сместувалишта во Кокс Базар. На тоа подрачје се наоѓаат вкупно 820.000 Араканци“, појасни Милман, притоа мислејќи и на оние што во Бангладеш дошле пред новиот бран на насилства.
Гласноговорникот на УНХЦР, Бабар Балох, изрази жалење поради превртувањето на бродот што превезуваше муслимани од Аракан, несреќа во којашто смртно настрадаа четири лица, од кои три се деца.
„Во несреќата загина петнаесетгодишно момче. На пат до болницата починаа уште три лица“, истакна Балох.
Тој нагласи дека се хоспитализирани 19 лица. Балох додаде дека според изјавите на очевидците, на бродот се наоѓале 42 лица од шест семејства.
Во седумдесетите години, во Аракан живееја околу два милиони муслимани. Меѓутоа, како последица на различни напади, денес на тоа подрачје живеат помалку од 200.000 лица.
Араканските муслимани Рохинџа веќе со години се најзагрозеното етничко малцинство во светот, а повеќе месеци наназад се соочуваат со нов бран насилства во мјанмарскиот регион Аракан.