Ekipa
06 Октомври 2018•Ажурирај: 07 Октомври 2018
ПАЛУ (АА) - Агенцијата за справување со катастрофи (BNPB) на Индонезија објави дека бројот на жртви од минатонеделниот земјотрес и цунами што го погоди островот Сулавеси, пораснал на 1.649 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на Агенцијата, Сутопо Пурво Нугрохо, изјави дека според извештаите што ги добиваат, во катастрофалниот земјотрес што минатата недела го потресе индонезискиот остров Сулавеси, по кој следуваше цунами, повредени се 2.549 лица, а наводно 265 лица се водат за исчезнати.
Тој додаде дека е можно бројката на лица што се наоѓаат затрупани под калта и урнатините на објектите да биде многу поголема.

Катастрофата го погоди градот Палу и околната област на провинцијата Централен Сулавеси минатиот петок. Подрачјето го потресе земјотрес со интензитет од 7,4 степени, по што следуваше цунами, проследен со бранови од 3 до 6 метри.
Претходно, индонезиската Агенција за справување со катастрофи (BNPB) соопшти дека 152 милиони жители во земјата живеат во подрачја изложени на ризик од земјотрес и цунами.
Портпаролот на Агенцијата, Сутопо Пурво Нугрохо, имаше изјавено дека во Индонезија, која ја сочинуваат околу 17.500 острови, 3,8 милиони лица се изложени на ризик од цунами, додека 148 милиони и 400 илјади лица живеат во подрачја во кои се изложени на ризик од земјотрес.