Ekip
27 Октомври 2017•Ажурирај: 28 Октомври 2017
ЈОХАНЕСБУРГ (АА) - Бурунди e првата земја што го напушти Меѓународниот кривичен суд (ICC), пренесува Anadolu Agency (AA).
Од МКС потврдија дека повлекувањето стапува на сила денес, една година откако источноафриканската земја го извести генералниот секретар на ОН за намерата да го напушти судот којшто ги процесуира најголемите злосторства на светот.
Бурунди е единствената од трите африкански земји којашто продолжи со процесот на повлекување, откако минатата година го направи првиот потег кон напуштање, поради обвиненијата дека МКС е многу фокусиран на африканскиот континент.
Повлекувањето на Јужноафриканската Република е спречено во март оваа година, а пак новата Влада на Гамбија ја повлече одлуката за напуштање на МКС (ICC) во февруари.
Меѓународниот кривичен суд истакнува дека повлекувањето на Бурунди не менува ништо кога станува збор за тековните прелиминарни истраги на ситуацијата во таа земја од страна на обвинителите на Меѓународниот суд.
Бурунди се соочува со крвави политички превирања од 2015 година, кога претседателот побара уште еден мандат.