Ahmet Gürhan Kartal
24 Февруари 2022•Ажурирај: 24 Февруари 2022
ЛОНДОН (АА) ‒ Британскиот премиер Борис Џонсон рано утрово изјави дека е згрозен од почетокот на руската воена интервенција во Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Згрозен сум од ужасните настани во Украина и разговарав со претседателот Зеленски за следните чекори“, рече Џонсон по телефонскиот разговор со Владимир Зеленски, претседателот на Украина.
„Претседателот [на Русија, Путин, заб. на авт.] избра пат на крвопролевање и уништување со тоа што го започна овој неиспровоциран напад врз Украина. Велика Британија и нејзините сојузници одлучно ќе одговорат.“
Откако Путин рано денеска ја најави, како што тој ја нарече „специјалната воена операција“, експлозии беа пријавени во неколку украински области, вклучително и во главниот град Киев, а тенкови, наводно, ја преминале границата од Белорусија.
Британската Влада свика безбедносен состанок на високо ниво за да разговара за најновите случувања.
Џонсон и Зеленски разговараа за нападите кои се во тек, а Џонсон рече дека „Западот нема да стои настрана додека Путин ја води својата кампања против украинскиот народ“.
Џонсон рече дека се надева дека „Украина може да се спротивстави и дека Украина и нејзиниот народ се во мислите на британскиот народ за време на овие мрачни времиња“.
Секретарката за надворешни работи, Лиз Трас, рече: „Силно го осудувам ужасниот, неиспровоциран напад што претседателот Путин го изврши врз народот на Украина.“
„Ние сме покрај Украина и ќе работиме со нашите меѓународни партнери за да одговориме на овој ужасен чин на агресија.“
Интервенцијата следуваше откако Путин во понеделникот ги призна регионите Доњецк и Луганск во источна Украина, под контрола на сепаратистите. Признавањето наиде на меѓународна осуда и најави за построги санкции кон Москва.
Путин во изминатите месеци собра над 100.000 руски војници околу Украина, но постојано негираше дека има намера да нападне.