Nuri Aydın
03 Август 2022•Ажурирај: 04 Август 2022
ЛОНДОН (АА) – Гласањето за лидер на Конзервативната партија и воедно, нов премиер во Велика Британија, е одложено поради опасност од кибернапади, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според информациите до кои дојде весникот „Телеграф“, Разузнавачката служба за комуникации на Обединетото Кралство (GCHQ) предупреди дека гласовите може да се променат со кибернападите.
По предупредувањето на Разузнавачката служба за кибернапади, Конзервативната партија на своите делегати им соопшти дека гласачките ливчиња, кои требаше да бидат дистрибуирани од почетокот на оваа недела, ќе бидат доставени до 11 август.
„Вашето гласачко ливче е на пат, но поради безбедносни причини ќе пристигне малку подоцна од вообичаеното. Поради безбедносни мерки процесот трае малку подолго. Нема потреба од загриженост“, се вели во испратената порака.
Меѓу другото, од партијата најавија дека на овие избори нема да важи кодексот кој дозволува промена на изборот по гласањето и со тоа гласовите нема да може да се менуваат.
Почнаа да се испраќаат гласачки ливчиња до 160.000 делегати за да се одреди новиот премиер којшто ќе биде избран на местото на Борис Џонсон.
Трката за лидерската позиција во Конзервативната партија ќе се води меѓу министерката за надворешни работи, Лиз Трас и поранешниот министер за финансии, Риши Сунак.
Кандидатите се борат за местото на Џонсон, кој поднесе оставка како лидер на Конзервативната партија на 7 јули.
На гласањето на 20 јули за раководството на Конзервативната партија, Сунак доби 137 гласа, а Трас 113.
- Новиот лидер на партијата ќе биде познат на 5 септември -
Околу 160.000 члена на Конзервативната партија на национално ниво ќе го изберат новиот премиер и воедно, новиот лидер на партијата меѓу двајцата кандидати.
По гласањето, новиот лидер на партијата и нов премиер ќе биде објавен на 5 септември.