Ekipa
22 Септември 2019•Ажурирај: 24 Септември 2019
ДАКА (АА) - Властите на Велика Британија соопштија дека издвоиле додатен фонд во вредност од 87 милиони фунти (98,61 милиони евра) за помош во згрижување на Рохинџа бегалците во Бангладеш, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на Британската мисија во Дака се наведува дека фондот ќе биде наменет за набавка на храна и други основни животни потреби за Рохинџа бегалците во Кокс Базар.
Велика Британија со 20 милиони фунти (22,67 милиони евра) ќе им помогне и на локалните власти во Кокс Базар, кој згрижува стотици илјади Рохинџи бегалци протерани од Мјанмар.
Прогонот на муслиманското малцинство од Мјанмар ескалираше во август 2017 година, а властите на Велика Британија досега за помош на бегалците во Бангладеш издвоија 226 милиони фунти (256,15 милиони евра).
Настаните кои состојбата со араканските муслимани ја ставија во фокусот на светската јавност се случија на 25 август минатата година.
Под плаштот за борба против милитантните напади врз полициските контролни пунктови, Армијата на Мјанмар и будистичките милитанти тој ден тргнаа во брутални напади врз муслиманите Рохинџа (араканските муслимани), во кои сурово се убиени над 24.000 припадници на ова малцинство.
Нападите прераснаа во класичен облик на етничко чистење, а мјанмарската Војска запали стотици муслимански села. Од тоа подрачје во Бангладеш избегаа над 750.000 муслимани.
Обединетите нации (ОН) и меѓународните организации за заштита на човековите права го нарекуваат етничко чистење или геноцид насилството врз Рохинџа муслиманите од мјанмарската држава Аракан.
Организациите за заштита на човековите права стравуваат дека враќањето на араканските муслимани во Мјанмар, без да се направи безбедна средина, би можело да прерасне во етничко чистење.