Ahmet Gürhan Kartal
24 Март 2022•Ажурирај: 25 Март 2022
ЛОНДОН (АА) - Велика Британија објави нови санкции насочени кон 65 стратешки индустрии, банки и деловни елити на Русија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Санкциите се насочени кон оние кои ѝ помагаат на руската инвазија на Украина, вклучително и компанијата „Вагнер“, повеќе одбранбени компании и Руски железници“, се вели во соопштението на Владата.
Велика Британија сега „санкционира над 1.000 поединци и бизнисмени според режимот на санкции кон Русија поради инвазијата“.
„Овие олигарси, бизнисмени и ангажирани насилници се соучесници во убивањето недолжни цивили и со право ќе ја платат цената“, изјави британската министерка за надворешни работи, Лиз Трас.
„Путин треба да биде целосно свесен - обединети сме со нашите сојузници и ќе продолжиме да вршиме притисок на руската економија за да осигураме дека тој нема да успее во Украина. Нема да се откажеме.“
„На сите кои денеска се санкционирани ќе им биде замрзнат имотот во Велика Британија, што значи дека ниту еден државјанин или компанија од Велика Британија не може да работи со нив, а на поединците кои подлежат на забрана за патување, исто така им е забрането да патуваат од и до Велика Британија“, додаде таа.
„Владата ќе продолжи да користи санкции за да ја притисне и деградира руската економија во размери какви што Кремљ или која било друга голема економија не видела претходно“, нагласи Трас.