Alma Çekovic
09 Август 2019•Ажурирај: 11 Август 2019
ВЕНЕЦИЈА
„Венеција им забрани на големите крузери влез во историскиот центар на градот“, соопшти италијанската Влада, пренесува Anadolu Agency (AA).
Сите крузери потешки од 1.000 тони, од септември оваа година ќе бидат пренасочени од одредени пловни патишта.
Одлуката на италијанските власти следуваше по инцидентот во јуни, кога крузер удри во помал брод во централниот канал Џудека, при што беа повредени 5 лица.
„Од наредниот месец некои бродови ќе бидат принудени да се закотват на терминалите Фусина и Ломбардија, далеку од центарот“, јавува „Фајненшал тајмс“, пренесува „Би-би-си“ (BBC).
До крајот на 2020 година третина од бродовите ќе бидат пренасочени.
Критичарите веќе подолго време велат дека брановите што ги создаваат крузерите често предизвикуваат поплави во историскиот дел на градот. Други се жалеа дека крузерите ја нарушуваат убавината на историските локалитети во Венеција и носат премногу туристи.
Локалното население по инцидентот во јуни побара забрана за крузери и во таа насока често протестираа, блокирајќи ги улиците и водените канали.