Sinan Doğan
29 Април 2022•Ажурирај: 30 Април 2022
КАРАКАС (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, вчера го инаугурира колеџот „Сан Роман“ на Турската фондација „Маариф“ во главниот град на Венецуела, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на церемонијата во Каракас, Чавушоглу рече дека Венецуела е последната станица од неговата турнеја во Латинска Америка и дека е среќен што е таму.
„Веруваме дека училиштата што ги отвораме ќе дадат значителен придонес за иднината на Венецуела“, рече Чавушоглу, посакувајќи им среќа на сите наставници и ученици таму.
„Ние сме горди на нашата Фондација „Маариф“, бидејќи насекаде се вее нашето знаме, јазик и култура“, додаде тој.
„Веруваме дека бројот на училишта и ученици рапидно ќе се зголемува во наредниот период. Имаме целосна доверба во нашите пријатели од Венецуела во овој поглед“, рече Чавушоглу, истакнувајќи дека Фондацијата „Маариф“ за кратко време станала една од првите пет институции во светот.
Министерот за надворешни работи на Венецуела, Феликс Пласенсија, изрази благодарност до домаќинот Чавушоглу.
„Мојот драг пријател Чавушоглу патуваше низ цела Латинска Америка додека не дојде овде, и навистина многу му благодарам“, рече тој.
Пласенсија, исто така, се заблагодари на Фондацијата „Маариф“ за нејзиниот придонес во образованието, велејќи дека „благородната и цврста структура во која се наоѓаме е показател за нашите пријателски односи“.
„Би сакал нашите студенти овде да сфатат дека имаат важни можности да ги разберат културите на нашите народи”, додаде тој.
„Со овие посети имаме за цел дополнително да ги зајакнеме односите меѓу двете земји“, рече Пласенсија, додавајќи дека средбите што ќе се одржат денеска, играат важна улога во овој поглед.
Посетата на Чавушоглу во Венецуела на неговата турнеја во Латинска Америка доаѓа по посетите во Панама, Колумбија, Уругвај, Бразил и Еквадор.
Чавушоглу денеска, во рамки на неговата посета, ќе се состане и со венецуелскиот претседател Николас Мадуро.