Ekipa
13 Мај 2021•Ажурирај: 14 Мај 2021
КАРАКАС (АА) - Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, соопшти дека е подготвен да се сретне со претставници на опозицијата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Чекорот на Мадуро за разговори со опозицијата уследи откако Хуан Гваидо, поранешниот претседател на Националното собрание (AN), предложи да се одржат претседателски избори во замена за постепено укинување на американските санкции.
Мадуро се согласи да се сретне со Гваидо под медијација на Меѓународната контактна група (ICG) формирана за Венецуела, Европската Унија (ЕУ) и Норвешка.
Во изјавата за еден национален тв-канал, Мадуро рече: „Со помош на ЕУ ќе се сретнам со целата опозиција кога ќе посака, каде ќе посака и ќе се приклучам на состанокот за да видам што ќе излезе од тоа.“
Меѓу другото, Мадуро истакна дека Гваидо барал дијалог затоа што бил „поразен и надвор од сѐ“.
Тој додаде дека има долгогодишни процеси на дијалог меѓу Владата и некои фракции на опозицијата.
Гваидо за возврат на постепеното укинување на санкциите од САД постави барања како што се одредување датум за слободни и фер избори под надзор на меѓународните набљудувачи, обезбедување вакцини за заштита од Ковид-19 и ослободување на сите политички затвореници.