Zülfiya Yakup
26 Февруари 2016•Ажурирај: 26 Февруари 2016
ПРИШТИНА (АА) - Неколку стотици граѓани се собраа пред зградата на Собранието на Косово на протест организиран од страна на обединетата опозиција против изборот на Хашим Тачи за претседател на Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
Се очекува бројот на граѓани да се зголеми со приближување на почетокот на вонредната седница на Собранието на Косово, на која ќе се бира претседател на Косово.
Опозиционите лидери најавија дека ќе се спротивстават на изборот на лидерот на Демократската партија на Косово, Хашим Тачи, за косовски претседател, како во пленарната сала, така и надвор од Собранието.
Опозицијата од вторникот постави шатори на платото пред Собранието и деноноќно протестира барајќи пад на Владата на Мустафа-Тачи како и против изборот на Тачи за претседател, бидејќи според нив, оваа Влада го прекршила Уставот со потпишувањето на Договорот за Заедница на општини со српско мнозинство и за демаркација на границата со Црна Гора.
На актуелната претседателка Атифете Јахјага ѝ истекува петгодишниот мандат, а нејзиниот наследник се претпоставува дека ќе биде Хашим Тачи, лидерот на Демократската партија на Косово. Тачи е кандидат за претседател според коалицискиот договор на неговата партија и Демократскиот сојуз на Косово на премиерот Иса Мустафа, додека формален противкандидат му е Рафет Рама, исто така од Демократската партија на Косово.
Според косовскиот Устав, за избор на претседател на Косово потребни се двајца кандидати и потребно е во гласањето да учествуваат најмалку 80 до 120 пратеници на Собранието на Косово, односно двотретинско мнозинство на пратениците.
Кандидатот кој ќе добие двотретинско мнозинство гласови од пратениците во првиот или вториот круг, станува нов претседател на Косово. Доколку во првите два круга на гласање ниту еден кандидат не добие двотретинско мнозинство гласови, се оди на трет круг гласање во кој повторно е потребно да гласаат минимум 80 пратеници, но за изборот на претседател е доволно општо мнозинство или 61 глас.
На претседателката на Косово, Атифете Јахјага, мандатот ѝ истекува на 7-ми април и според законот новиот претседател мора да биде избран 30 дена пред истекувањето на нејзиниот мандат. Затоа, доколку пратениците до 7-ми март не изгласаат нов претседател, автоматски се оди на вонредни парламентарни избори.
Сè уште не се знае дали и како ќе гласаат 10-те пратеници од Српската листа, додека се очекува останатите 10 малцински несрпски пратеници сигурно да гласаат за Тачи. Српската листа и останатите малцински партии се дел од актуелната владеачка коалиција.