Addis Getachew Tadesse
03 Септември 2019•Ажурирај: 04 Септември 2019
АДИС АБЕБА (АА) - Околу 27 милиони луѓе од седум африкански земји се соочуваат со голем недостиг на храна, пренесува Anadolu Agency (AA).
Оваа бројка сочинува 24 отсто од вкупното светско население чија снабденост со храна е неизвесна, се вели во извештајот на африканскиот блок на Меѓународното тело за развој (IGAD) и Информативната мрежа за безбедност на храната (FSIN).
Во извештајот посебен фокус се става на маките на милиони луѓе кои се соочени со голем недостиг на храна и на несигурноста за прехранување во Џибути, Етиопија, Кенија, Сомалија, Судан, Јужен Судан и Уганда.
Според извештајот, климатските шокови, конфликтите и економската нестабилност се предизвикувачите на неизвесноста во однос на храната во источна Африка.
Земји кои се најмногу погодени од акутен недостиг на храна во 2018 година беа Етиопија (8,1 милион), Судан (6,2 милиони) и Јужен Судан (6,1 милион).
„Во Јужен Судан, 59 отсто од населението, или шест од десет луѓе, побараа итна помош за заштита од недоволните приходи за живот, за намалување на јазот во потрошувачката на храна и неухранетоста. Во Сомалија, повеќе од едно, од пет лица (или 22 отсто од населението), се соочува со акутна несигурност во однос на изворите на храна“, се нагласува во извештајот.
„Ги повикуваме специјализираните канцеларии на ИГАД, земјите членки и партнерите да инвестираат во адаптирање кон климатските промени, во спречување конфликти и одржување на мирот, со цел надминување на ранливоста и решавање на основните причини за појавата на гладот и неухранетоста“, се апелира во соопштението на извршниот секретар на африканскиот блок на Меѓународното тело за развој (IGAD), Махбуб Малим.