Hasan Esen
02 Октомври 2021•Ажурирај: 03 Октомври 2021
ЛОНДОН (АА) - Поради недостаток на возачи на транспортни возила, припадниците на Вооружените сили во Велика Британија од понеделник ќе започнат со транспорт на гориво до бензинските пумпи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Владата на Велика Британија се наведува дека околу 200 војници, меѓу кои 100 се шофери, ќе обезбедат привремена поддршка со цел да се ублажи притисокот врз бензинските пумпи во земјата.
Откако изминатите седум дена научија како да ги полнат цистерните и бензинските пумпи, војниците ќе ги извршат првите испораки на гориво во понеделник наутро.
Истражувањето во земјата покажа дека најмалку 26 отсто од бензинските пумпи немаат ниту бензин, ниту дизел. Се дознава исто така дека до 300 странски возачи на цистерни со гориво ќе започнат со работа во Велика Британија до крајот на март.
Кризата започна претходната недела откако енергетските компании БП и Теско Алајанс објавија дека снабдувањето е прекинато поради недостаток на возачи на тешки возила во Велика Британија.
Потоа се огласи британскиот министер за транспорт, Грант Шапс, порачувајќи дека рафинериите во земјата имаат доволно гориво и ја замоли јавноста да продолжи да купува гориво како и обично.
Тој напомена дека доколку е потребно британските војници можат да бидат распоредени за превоз на горивото во согласност со планот за непредвидени ситуации.
Се наведува дека моменталниот број на возачи на транспортни возила во Британија е под 100.000, колку што ѝ се потребни на земјата.
Според извештајот на Здружението на патни превозници (RHA), кое ја претставува транспортната индустрија, главните причини за намалувањето на бројот на возачи на транспортни возила се пензионирањето на возачите, преминот во други сектори, излегувањето на Велика Британија од Европската Унија, ниските плати и пандемијата на коронавирусот.