Elena Trenchevska Chekovic
08 Септември 2025•Ажурирај: 09 Септември 2025
СКОПЈЕ (АА) - Шест лица загинаа денес во вооружен напад врз автобус на раскрсницата „Рамот“ во близина на еврејска населба во окупираниот Источен Ерусалим, јавува Анадолу.
Израелската државна телевизија КАН, повикувајќи се на безбедносен службеник, објави дека двајцата извршители на нападот, во кој загинаа шест лица, потекнуваат од селата во близина на Рамала.
Израелската полиција соопшти дека двајцата осомничени, за кои се верува дека го извршиле нападот, се застрелани.
Во нападот се убиени 43-годишен рабин, маж во 50-тите години, тројца мажи во 30-тите години и жена во 50-тите години.
Како одговор, израелските сили ги затворија контролните пунктови што го поврзуваат Западниот Брег во двата правци.
Местото на нападот го посетија и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир.