Ali Cura
03 Ноември 2018•Ажурирај: 03 Ноември 2018
МОСКВА (АА) - Падна борбен авион од руско производство, МИГ-29М, во сопственост на египетските воздухопловни сили, а пилотот успеа да се спаси, благодарение на системот за катапултирање, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението што го даде авионската компанија на Руската Федерација се вели дека борбениот авион МИГ-29М од руско производство паднал за време на обука во Египет.
Во соопштението се истакнува дека се направени потребните испитувања во врска со несреќата, и се додава дека во најкусо време на местото на несреќата ќе бидат испратени руски експерти.
Весникот „Комерсант“ (Kommersant) објави дека до несреќата дошло или поради техничка грешка или поради грешка на пилотот, посочувајќи дека пилотот се спасил, благодарение на системот за катапултирање.
Во 2014 година Русија и Египет потпишаа Воено-технички договор во висина од 3,5 милијарди долари. Според Договорот, Египет од Русија купи одбранбен систем, топовски систем, лесно вооружување и воени авиони. Испораката на борбените авиони МИГ-29М беше спроведена во април оваа година.
Производството на авионот МИГ-29 започна уште во времето на Советскиот Сојуз. Овој борбен авион е познат по своите високи маневарски способности. Борбените авиони од типот МИГ-29 се основната ловечка сила на руските воздухопловни сили и имаат капацитет да носат 6 нуклеарни бомби.
Системот за катапултирање на пилотот работи и на висина од 200 метри од тлото.