Muhammed Bilal Kenasari
11 Јули 2016•Ажурирај: 12 Јули 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Властите на САД депортираа во Италија уште еден затвореник од Гвантанамо, Фајиз Ахмед Јаху Сулејман, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерството за одбрана на САД соопшти дека депортацијата на Сулејман во Италија е извршена во соработка со италијанската Влада.
„САД ѝ се заблагодари на Италија за хуманиот гест да прими затвореници и за поддршката на САД во напорите да се затвори затворот Гвантанамо”, се наведува во соопштението на американското Министерство за одбрана.
Во затворот во воената база Гвантанамо, во моментот се наоѓаат 78-мина затвореници.
Станува збор за озлогласен затвор, кој официјален Вашингтон го отвори во кубанскиот залив во склоп на американскиот воен комплекс. Затворот е отворен непосредно по терористичкиот напад на 11. септември 2001 година и американската окупација на Авганистан. Тогашниот претседател на САД, Џорџ В. Буш, објави глобална војна против тероризмот, а првите затвореници во затворот пристигнаа на 11. јануари 2002 година.
Актуелниот американски претседател Барак Обама, во текот на предизборната кампања во 2008 година најави затворање на овој затвор, но тоа ветување сѐ уште не го исполни, пред сѐ, поради противењето на американските републиканци кои се мнозинство во Конгресот.