Dildar Baykan
28 Април 2019•Ажурирај: 29 Април 2019
ЊУЈОРК (АA) - Затворот „Гвантанамо“, кој Соединетите Американски Држави (САД) го отворија во рамките на борбата против тероризмот по терористичките напади во септември 2001 година, би можел наскоро да стане дом за стари лица за повозрасните затвореници, пренесува Anadolu Agency (AA).
Американскиот весник „Њујорк тајмс“ (New York Times) oбјави текст под наслов „Заливот Гвантанамо како старечки дом“, во кој се наведува дека американските воени службеници упатуваат повик до Пентагон што поскоро да ја одреди својата политика во врска со „Гвантанамо“, зашто тој би можел да стане старечки дом.
Истакнато е дека моментално во затворот престојуваат околу 40 затвореници, дека станува збор за затвореници кои искусиле психички и физички потешкотии по измачувањата, и дека во следните години тие би можеле да се соочат со болести на откажување на бубрезите, апнеја за време на спиење, деменција и тешкотии во одењето.
„Ако САД не ја променат својата политика во врска со затворот, за извесен период овде ќе започнеме да даваме услуги на старечки дом“, изјави командирот во затворот „Гвантанамо“, Џон К. Ринг.
Претходникот на Трамп, Барак Обама, не успеа да го исполни ветувањето за затворање на „Гвантанамо“, во кој моментално има вкупно 40 затвореници.
Доналд Трамп во јануари 2018 година потпиша одлука за продолжување на работата на американскиот воен затвор „Гвантанамо“.
Станува збор за затвор што САД го отворија во воената база јужно од островот Куба, во рамките на борбата против тероризмот по терористичките напади во септември 2001 година.
Поранешниот американски претседател Џорџ Буш го отвори тој затвор во јануари 2002 година, а во 2003 година во затворот имаше 680 затвореници. Многу извештаи укажуваат на тешките услови и тортурата што ја преживуваат затворениците во „Гвантанамо“.