Ahmed Asmar
31 Јули 2024•Ажурирај: 01 Август 2024
АНКАРА (АА) - Најмалку уште 45 Палестинци се убиени во израелските напади врз Појасот Газа, со што вкупниот број на убиени од 7 октомври минатата година се зголеми на 39.445, соопшти денес Министерството за здравство на енклавата, јавува Анадолу.
Палестинското Министерство додаде дека досега во нападите се повредени најмалку 91.073 Палестинци.
„Израелските сили убија 45 лица и повредија 77 во последните 24 часа како резултат на континуираната израелска агресија врз Газа“, соопшти Министерството.
„Многу луѓе сè уште се заробени под урнатините и на патиштата бидејќи спасувачите не можат да стигнат до нив“, се додава во соопштението.
Непочитувајќи ја Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради континуираната брутална офанзива со неселективно бомбардирање и гранатирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници во Газа од 7 октомври 2023 година.
Скоро десет месеци од почетокот на израелската војна огромни делови од Појасот Газа се наоѓаат во урнатини, со разорена и уништена инфраструктура на палестинската енклавата, принудувајќи го населението на Појасот Газа внатрешно да се расели, што предизвика акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, кој му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине својата воена операција во јужниот град Рафа, каде што над еден милион Палестинци побараа засолниште од војната пред да започне копнената офанзива врз градот на 6 мај.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.