Ekip
24 Март 2020•Ажурирај: 25 Март 2020
РИМ
Во Италија денес се потврдени 743 нови смртни случаи од коронавирусот, со што вкупниот број на починати изнесува 6.820, што е сè уште највисока бројка во светот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Последните бројки од италијанскиот Оддел за цивилна заштита покажуваат дека вкупниот број случаи во земјата продолжува да расте, но веќе трет ден по ред со забавено темпо.
Бројот на детектирани случаи на заразени со Ковид-19 во Италија достигна бројка од 54.030 случаи, што е зголемување од 7 отсто во последните 24 часа. Вкупниот број на пациенти коишто досега се излекувани изнесува 8.326.
Епицентарот на епидемијата во Италија останува во северниот регион Ломбардија, при што само таму бројот на жртви достигна бројка од 4.178 лица.
Бидејќи Италија влегува во круцијална недела за да потврди дали е постигнат пресврт во смисла на нови дневни случаи на зараза, Владата продолжува да се бори за управување со вонредната состојба.
Италијанскиот Кабинет денес одобри нов документ што овозможува поостри санкции и поголеми казни за граѓаните кои не ги почитуваат мерките за изолација.
Премиерот Џузепе Конте во своето обраќање во саботата вечерта изјави дека во Италија во потполност е запрено производството коешто не е неопходно во екот на борбата против ширењето на коронавирусот (Ковид-19).
Тој рече дека неговата земја се соочува со најтешката криза од Втората светска војна навака.
„Ќе дозволиме работа на далечина и производство коешто е неопходно. Нема потреба за метеж во супермаркетите. Продавниците за храна, аптеките, поштите и банките остануваат отворени“, рече Конте и додаде дека актуелните мерки се на сила до 3 април.
Коронавирусот кон крајот на минатата година се појави во кинескиот град Вухан. Смртоносниот вирус брзо се прошири во повеќе земји, а Светската здравствена организација (СЗО) прогласи глобална пандемија на Ковид-19.