Ekipa
09 Октомври 2019•Ажурирај: 11 Октомври 2019
ТРИПОЛИ (АА) - Во воздушен напад кај главниот град на Либија, Триполи, убиени се најмалку 35 руски платеници, пренесува Anadolu Agency (AA).
Францускиот весник „Ле Поинт“ (Le Point) јавува дека нападот бил изведен кон крајот на минатиот месец и дека станува збор за руски платеници кои се бореле на страната на источнолибиските сили лојални на командантот Халифа Хафтар.
Истиот извор јавува дека убиените биле членови на Вагнер-групата основана од близок пријател на рускиот претседател, Владимир Путин.
Силите на меѓународнопризнатата Влада на национално единство на Либија претходно соопштија дека во воздушен напад на 27 септември убиле најмалку 8 руски платеници.
Либискиот министер за внатрешни работи, Фатхи Бшага, минатиот месец рече дека Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) ги поддржуваат силите на Хафтар, користејќи руски и судански платеници.
Силите на Хафтар изведуваат напади на Триполи од април, а досега во судирите во главниот град на Либија загинале над илјада, а ранети се 5.500 луѓе.
Либија е средиште на длабока политичка и безбедносна криза уште од 2011 година, кога беше убиен Моамер Гадафи. Оттогаш, на власт се паралелни влади со седиште во Триполи и Тобрук, кои имаат посебни парламенти и вооружени сили.