Burak Bir
09 Октомври 2019•Ажурирај: 09 Октомври 2019
АНКАРА (АА) - Националната коалиција на сириските револуционерни и опозициски сили соопшти дека е подготвена да се бори против тероризмот заедно со Турција, јавува Аnadolu Agency (AA).
Коалицијата ја потврди својата заложба за борба против тероризмот во сите негови форми и за соработка со партнерите за пораз на терористичките организации.
Закрилната организација, позната и како Сириска национална коалиција, „е подготвена да се бори против тероризмот во соработка и заедничко дејствување со браќата во Турција, со цел да ги заштити националните интереси на сирискиот народ заедно со Арапите, Курдите, Туркменците, Асирците и други“, се вели во соопштението.
Се нагласува дека Коалицијата придонела за воспоставување на безбедносна зона во Сирија, како и во создавањето услови за враќање на бегалците.
„Коалицијата се надева дека овие активности ќе успеат да изнајдат решение за пораз на ПЈД и на прекуграничните терористички групи кои го претворија овој регион во жариште на хаосот, насилството и тероризмот“, се додава.
Признаена од 122 земји, Коалицијата е формирана во 2012 година.
Од 2016 година, со турските операции „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“ во северозападна Сирија беше ослободен регионот од терористите на ЈПГ/ПКК и ДЕАШ, овозможувајќи им на Сиријците кои избегаа од насилствата да се вратат дома.
Турција долго време говори за закана од терористите во подрачјето источно од Еуфрат, северна Сирија, ветувајќи воена акција за да спречи формирање терористички коридор.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, којашто се наоѓа на листата терористички организации на Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), е одговорна за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на терористичката ПКК.