Ekip
16 Ноември 2017•Ажурирај: 17 Ноември 2017
МАИДУГУРИ (АА) - Четворица бомбаши-самоубијци вчера извршија напади во коишто загинаа најмалку 14, а беа ранети 29 лица во нигерискиот град Маидугури, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на нигериската полиција, Виктор Исуку, соопшти дека нападите во споменатиот кварт Муна Гари ги извршиле две жени и двајца браќа, за кои се претпоставува дека се припадници на терористичката организација Боко Харам.
„Две експлозии се случија во верскиот комплекс, а две во непосредна близина. Најмалку 29 ранети лица се хоспитализирани, а меѓу нив има и неколку животно загрозени“, изјави Исуку.
Боко Харам е терористичка организација којашто во Нигерија, во првите години по 2000 ја основа екстремистот Мухамед Јусуф, заради борба против сите облици на западната култура, особено во образовниот систем на Нигерија.
Јусуф почина во затвор во 2009 година, под неразјаснети околности, а Боко Харам ги интензивираше терористичките активности, поради што стана и глобална терористичка закана. Моментално дејствува во Нигерија, Камерун, Бенин, Чад и во Нигер.