Gökhan Kavak
15 Август 2016•Ажурирај: 16 Август 2016
АНКАРА (АА) - Семејствата на девојчињата кои пред две години беа киднапирани од страна на припадниците на терористичката организација Боко Харам во Нигерија, од властите на таа земја бараат да се сложат со предлогот на терористите и да ги спасат девојчињата, јавува Anadolu Agency (AA).
Боко Харам неодамна објави ново видео, од околу 50 девојки со хиџаб кои бараат ослободување на борците на Боко Харам во замена за нивно пуштање на слобода.
Како што наведуваат локалните медиуми, движењето „Вратете ги нашите девојчиња“ (The BringBackOurGirls (BBOG)) и семејствата на киднапираните девојчиња се огласија по повод објавеното видео.
Семејствата побараа од власта да се согласи со предлогот на терористичката организација девојчињата да бидат ослободени во замена за ослободување на милитантите и побараа да се стави крај на болката што трае веќе две години.
ББОГ ги повика САД, Велика Британија, Франција, Кина, но и ОН да помогнат во ослободувањето на девојчињата.
Алхаџи Лаи Мухамед, министерот за култура и информации на Нигерија истакна дека властите интензивно работат на ослободување на девојчињата.
Боко Харам во 2014 година организираше масовно киднапирање на 276 девојчиња во еднo нигериско училиште во Чибок. Оттогаш, 57 од нив успеаја да се спасат.
Најновото видео покажува дека еден од припадниците на Боко Харам, со оружје префрлено преку рамена, изведува една од девојките од стројот и ѝ вели да се претстави. Девојката со име Маида Јакубу изјавува дека е една од киднапираните девојки во Чибок. Таа ја повика нигерската Влада да ги ослободи од затвор милитантите на Боко Харам, кој наводно притоа ќе ги ослободи киднапираните девојки.