Bahattin Gönültaş
27 Јуни 2019•Ажурирај: 28 Јуни 2019
ОСАКА (АА) - Јапонската полиција презеде опсежни безбедносни мерки во градот Осака, каде што на 28 и 29 јуни ќе се одржи Самитот Г-20, на кој учество најавија лидерите на најразвиените земји на светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Лидерите на водечките сили на светската економија денеска започнаа да пристигнуваат во Јапонија на Самитот Г-20, кој претставува главна платформа на економската соработка.
За да тече сѐ во најдобар ред за време на дводневниот Самит, јапонската полиција во Осака ги подигна мерките за безбедност на највисоко ниво. Покрај големиот број лидери на светските економии, на Самитот се очекуваат околу 30.000 гости, а за безбедноста се задолжени 32.000 полициски службеници.
Голем број полицајци особено можат да се забележат околу Конгресниот центар ИНТЕКС во Осака, каде што ќе биде одржан Самитот.
Како што јави репортерот на АА, поради одржувањето на Самитот, во најмалку 700 училишта во Осака е сопрена наставата на два дена. Шкафчињата и местата за отстранување на отпадот на железничките станици во текот на наредните два дена ќе бидат затворени.
Полицијата забрани користење на дронови во периодот на одржување на Самитот, а службените нуркачи на јапонската полиција во текот на 24 часа ќе ја обезбедуваат и познатата Кула во Осака (Osaka Tower), каде што ќе биде организиран и прием за гостите од Самитот.
Мерките за безбедност се забележани и на аеродромот во Осака „Кансаи“, а низ градот можат да се забележат и железни бариери околу градските паркинзи.
За време на Самитот се очекува и организирање на протести на активистите за заштита на човековите права, активисти за заштита на околината, како и антивоени групи. Како што е најавено, полицијата очекува дека би можело да дојде и до собири на групи кои ги предводат јапонските националисти, а кои бараат американските трупи да го напуштат островот Окинава.
Постои можност и протестите од Хонг Конг околу Нацрт-законот за испорачување да бидат пренесени и во Осака.
Јапонските официјални претставници предупредија „колку што е можно да се држат подалеку од центарот на градот“, и наместо приватни автомобили да користат градски превоз. Исто така е издадено предупредување дека е можно да дојде до доцнење во градскиот превоз.
Во тек се и завршните процедури на акредитирање на стотици медиумски екипи кои ќе ги следат случувањата на Самитот Г-20 во Осака.
Земјите на Групата 20 сочинуваат 85 отсто од светската економија, 75 отсто од светската трговија и опфаќаат две третини од светската популација.
Како земја која претседава со Групата 20, Јапонија подготви програма во која се нагласени следните теми: Економски раст, Квалитетна инфраструктура, Борба против корупција, Развој, Вработување, Дигитална економија, Здравство и Земјоделство. Во програмата на Г-20 за 2019 година се сместени и темите „Ефикасност на ресурсите“ и „Морски пластичен отпад“.
Планирано е на овогодишниот Самит фокусот да биде ставен и на борбата против климатските промени.
Самитот Г-20 е форум на владите и централните банки на 20-те водечки економии во светот, кои ја вклучуваат Европската Унија и 19 земји - Аргентина, Австралија, Бразил, Канада, Кина, Франција, Германија, Индија, Индонезија, Италија, Јапонија, Јужна Кореја, Мексико, Русија, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Турција, Велика Британија и Соединетите Американски Држави.