Mustafa Deveci,Hacer Başer
11 Февруари 2020•Ажурирај: 12 Февруари 2020
ЕРУСАЛИМ (АА) - Палестинците во градот Рамала на окупираниот Западен Брег денеска оддржаа протест против т.н. Мировен план на американскиот претседател Доналд Трамп и изразија поддршка за палестинската администрација, јавува Агенција Анадолија (АА).
На протестите одржани на плоштадот „Ал Манара“ учествуваа неколку илјади лица.
Протестите се организирани во пресрет на обраќањето на претседателот на Палестина, Махмуд Абас, вечерва во Советот за безбедност на ОН во знак на протест против планот на Трамп за Блискиот Исток.
Насобраните демонстранти извикуваа слогани против планот на Трамп и пружија поддршка на претседателот Абас и палестинската управа. Носеа знамиња на Палестина и транспаренти со пораки против т.н. Мировен план.
На протестот присуствуваше и Махмуд ал Алул, заменик-претседателот на Палестинското движење на отпорот Фатах, кој порача дека сите Палестинци силно се противат на планот на Трамп и ги поддржуваат палестинските власти.
Тој ги повика арапските земји да не потклекнат под притисокот кој над нив го врши американската администрација, за планот за Блискиот Исток да биде и спроведен.
„Оттука се обраќаме и на американскиот претседател Доналд Трамп. Не можете да го понижите палестинскиот народ. Нашиот народ има цврста волја да се спротивстави и да пружи отпор“, изјави Ал Алул, додавајќи дека палестинскиот народ и понатаму продолжува со борбата за слобода, независна држава и сигурна безбедност.
Тој истакна и дека претседателот Абас, во обраќањето на Советот за безбедност на ОН уште еднаш јасно ќе го отфрли планот кој го предложи американскиот претседател Трамп.
Американскиот претседател Трамп на 28 јануари 2020 година го претстави таканаречениот „Договор на векот“ за завршување на израелско-палестинскиот судир. На претставувањето на планот присуствуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, но не и палестинските функционери.
Со планот што го објави Трамп, Ерусалим (Кудс) е прогласен за неделив главен град на Израел. Трамп тогаш порача дека неговиот план е последна шанса за воспоставување независна палестинска држава.
Израелскиот премиер Нетанјаху претходно откри дека планот предвидува израелски суверенитет над сите еврејски населби на Западен Брег и порача дека тој план е многу голема и историска придобивка за Израел.
Палестинската страна, вклучувајќи ги движењата на отпорот, Фатах и Хамас, го отфрлија планот на Трамп и најавија продолжување на борбата за правата на Палестинците. Палестинскиот претседател Махмуд Абас го оцени планот како заговор, а од Хамас порачаа дека тој план не е вреден ниту колку хартијата на која е печатен.