Ömer Erdem
27 Октомври 2021•Ажурирај: 28 Октомври 2021
КАРТУМ (АА) – Во Судан трет ден продолжуваат протестите против распуштањето на Владата од страна на Суданската армија и притворањето на многу министри и политички лидери, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Демонстрантите кои бараат Владата да биде предадена на цивили, поставија барикади контејнери и дрва на главните улици во различни делови на главниот град Картум.
Демонстрантите запалија пневматици и извикуваа антивоени слогани.
Безбедносните сили кои во голем број се распоредени пред Генералниот штаб на Армијата во главниот град ги блокираат патиштата и не дозволуваат влез во регионот.
Бројот на загинати во протестите се искачи на 7, а над 140 лица се повредени.
Во Судан, поради повикот за штрајк на Граѓанската коалиција „Сили за слобода и декларација за промени“ (ОDBG), голем број луѓе не отидоа на работа и многу работни места не беа отворени.
Во земјата училиштата се затворени од 25 октомври. Исто така, продолжува ограничувањето на телефонските и интернет-линиите.
- Прогласена вонредна состојба -
Во Судан, утрото на 25 октомври премиерот Абдулах Хамдук и голем број политичари беа приведени. Синоќа беше објавено дека Хамдук е ослободен.
По воената интервенција, цивилното крило на власта и голем број политички партии го повикаа народот да излезе на улица.
По повикот, илјадници Суданци се собраа во различни делови на главниот град Картум и почнаа да демонстрираат против воената интервенција.
Генералот Абдулфетах ел Бурхан соопшти дека прогласиле вонредна состојба и дека Советот за суверенитет и Кабинетот се распуштени.
Тој, исто така, истакна дека ќе биде формирана техничка влада која ќе ги претставува сите страни на Судан.