Muhammet Nazım Taşcı
07 Јуни 2020•Ажурирај: 08 Јуни 2020
АНКАРА (АА) - Пет лица загинаа во судирите меѓу безбедносните сили и бунтовниците во индискиот регион Џаму и Кашмир, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Локалните медиуми наведуваат дека до судирите дошло кога безбедносните сили, по дојава, започнале акција на подрачјето на Шопиан. Во судирите загинале петмина бунтовници.
Кризата во Кашмир датира уште од 1947 година кога Велика Британија го напушти тоа подрачје без да го реши статусот на регионот. Муслиманите сочинуваат 90 отсто од популацијата на Кашмир, а по повлекувањето на Британците побараа тој регион да се припои на Пакистан. Тогашниот гувернер сепак одлучи Кашмир да го припои кон Индија.
Пакистан и Индија во 1947 година ја започнаа првата војна за Кашмир, а потоа војуваа повторно во 1965 и 1999 година.
Индија контролира околу 45 отсто од Кашмир, Пакистан околу 35 отсто, додека Кина 20 отсто. Индискиот дел е наречен Џаму и Кашмир и денес е единствената доминантно муслиманска покраина во Индија.
Индиските власти на 5 август 2019 година го укинаа специјалниот статус на регионот Џаму и Кашмир. Специјалниот статус го вклучуваше и законот за државјанство, според кој на странските државјани им е забрането населување и стекнување имот во таа област.
Со одлуката за укинување на специјалниот статус, што стапи во сила на 31 октомври 2019 година, регионот е поделен на две територии, Џаму и Кашмир на запад и Ладах на исток.