Alaattin Doğru
28 Октомври 2020•Ажурирај: 29 Октомври 2020
ПАРИЗ
Во Франција со одлука на Советот на министри затворена е муслиманската невладина организација „БаракаСити“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за внатрешни работи, Жералд Дарманин, на својот профил на Твитер ја соопшти денешната одлуката на Советот на министри за затворање на здружението.
Дарманин истакна дека „БаракаСити“ ја поттикнува омразата, има врски со радикалните исламистички движења и дека „чувствува задоволство“ да ги оправдува терористичките напади.
На 14 октомври извршена е рација во куќата на основачот на „БаракаСити“, Идриз Сихамеди. Тој беше приведен, а потоа следниот ден ослободен.
На 16 октомври во населеното место Конфленс-Сен-Онорин, близу Париз, обезглавен е наставник Самуел Пети, кој за време на часот покажувал карикатури на божјиот пратеник Мухамед.
По убиството на Пети, се зголемија притисоците и рациите врз муслиманските здруженија и невладините организации во земјата.
Министерот за внатрешни работи, Жералд Дарманин, во изјавата дадена на 19 октомври рече дека многу здруженија и невладини организации, вклучувајќи ги францускиот Колектив за борба против исламофобијата (CCIF) и хуманитарното здружение „БаракаСити“, како и една џамија, ќе бидат затворени.