Bayram Altuğ
08 Март 2021•Ажурирај: 08 Март 2021
ЖЕНЕВА
На референдумот одржан во Швајцарија 52 отсто граѓани гласаа за иницијативата „Забрана за (бурка) покривање на лицето", јавува Агенција Анадолија (АА).
Со референдумот е донесена уште една забрана за муслиманите, кои сочинуваат само пет отсто од швајцарското население чија вкупна популација е 8,6 милиони.
Во земја со 5,5 милиони жители со право на глас, на референдумот излегоа нешто повеќе од два милиони граѓани.
Она што секако е интересно е тоа што во Швајцарија, во време кога во оваа земја задолжително е носењето маски на јавните места поради епидемијата од коронавирусот (Ковид-19), на муслиманите со референдум им е забрането носење никаб или бурка.
Иницијативата за забрана за бурка и никаб ја покрена група под називот „Egerkinger Komitee", која вклучува членови на крајно десната Швајцарска народна партија (SVP).
Швајцарскиот сојузен совет и парламентот ги советуваа гласачите да ја одбијат иницијативата. По пребројаните гласови утврдено е дека 52 отсто од гласачите било за, додека 48 отсто биле против оваа иницијатива.
Владата отворено се спротивстави на иницијативата со образложение дека бројот на лицата кои носат бурка (никаб) во целата земја е многу мал и дека забраната би му наштетила на туризмот.
Според студијата на Универзитетот во Луцерн, во Швајцарија нема лица кои користат бурки, додека само 30 лица носат никаб.
Повеќето муслимани во земјата се Турци, Бошњаци и Албанци од Косово. Во Женева, втор по големина град, живее поголем број Арапи. Швајцарија е многу честа дестинација на арапските туристи од богатите заливски земји.
На референдумот одржан во земјата во 2009 година, 57,5 отсто луѓе гласаа против изградба на минаре.