Haydar Karaalp
19 Март 2020•Ажурирај: 20 Март 2020
АНБАР (АА) - Војската на Соединетите Американски Држави (САД) ја напушти воената база „Ал Каим“, во западен Ирак, а наскоро се очекува нејзино повлекување од уште две бази во таа земја, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ирачката војска со пригодна церемонија ја презеде воената база „Ал Каим“, која се наоѓа во близина на ирачко-сириската граница во покраината Анбар.
Станува збор за воена база на старата железничка станица којашто беше дом на меѓународните коалициски сили кои во борбата против терористичката организација ДЕАШ ги предводеа САД. Токму тоа подрачје на Ирак прво падна под окупација на терористите на ДЕАШ во 2014 година, и е меѓу последните ослободени области кон крајот на 2017 година.
Во наредните денови се очекува повлекување на американските и коалициските сили и од базите во Мосул и Киркук. Војската од „Ал Каим“ наводно се повлекла во Сирија.
Со повлекувањето од три од вкупно осум бази, САД значително го редуцираат военото присуство во Ирак. Тоа се случува во екот на тензиите во американските односи со Ирак и Иран.