Mahmut Atanur
03 Јули 2018•Ажурирај: 04 Јули 2018
ЏАКАРТА (АА) - Најмалку 1.156 луѓе се евакуирани минатата ноќ по ерупцијата на вулканот Агунг на индонезискиот остров Бали, јавува Anadolu Agency (AA).
Вулканот Агунг минатата ноќ повторно почна да исфрла пепел и лава, а тимовите за цивилна одбрана ги евакуираа жителите од околните области, кои се загрозени во подножјето на планината.
Од Цивилната заштита е најавено дека во наредните неколку часа ќе бидат евакуирани и жителите од уште неколку населби.
Официјалните претставници од аеродромот „И Густи Нгурах Раи“ соопштија дека досега немало проблеми во спроведувањето на редовните летови до островот, кој е еден од најважните туристички дестинации на Пацификот.
Надлежните локални институции обезбедија 8.000 заштитни маски во регионот Банјуванги во кој поради вулканската пепел значително е намалена видливоста.
Локалните жители во радиус од четири километри околу вулканот се предупредени на максимална претпазливост и подготвеност за евакуација.
Центарот за геологија и вулкани во Индонезија (PVMBG), соопшти дека пепелта по експлозијата се кренала и до два километри над вулканот, а дека лавата се слевала низ кратерите.
И минатата недела вулканот Агунг исфрлаше пепел и предизвика пореметување на летовите на аеродромот во Бали.
Последната голема ерупција на вулканот Агунг се случи во 1963 година. Во текот на единаесетмесечното исфрлање лава, загинаа најмалку 1.000 луѓе, а беа предизвикани и големи материјални штети.
Во појасот кој има потенцијален ризик од вулканот Агунг, живеат речиси четири милиони луѓе.