Emre Aytekin
03 Јули 2018•Ажурирај: 04 Јули 2018
МАИ САИ (АА) - Во северниот дел на Тајланд, во покраината Чианг Рај, се вложуваат напори, на кој начин од комплексот пештери да се извлечат 12 деца членови на фудбалски клуб и нивниот тренер, кои пред 9 дена останаа заглавени поради издигнувањето на нивото на водата, јавува Anadolu Agency (AA).
Гувернерот на покраината Чианг Рај, Наронгсак Осатанакорн соопшти дека високото ниво на водата во пештерите не овозможува слободно движење низ нив. Поради тоа, спасувачките екипи работат на изработка на план со кој децата ќе бидат извлечени на безбедно.
Гувернерот Наронгсак изјави дека спасувачките екипи планираат извесен период на децата да им дадат обука за пливање и нуркање, со цел тие безбедно да бидат извлечени од пештерата.
И на професионалните нуркачи од спасувачката екипа им биле потребни неколку часа за да дојдат до местото во кое се заглавени децата. Патот за евакуација на децата води низ тесни премини кои се под вода по поплавата од која е зафатена пештерата и затоа е потребна сериозна подготовка за да можат децата да се извлечат по тој пат.
Од друга страна, чекањето нивото на водата да падне само по себе не е практично бидејќи во Тајланд е време на монсуни и се очекуваат постојани врнежи од дожд во наредните два месеци.
Гувернерот Наронгсак информираше дека е направен обид со дренажни пумпи да се намали нивото на водата во пештерата, додавајќи дека дополнително од надвор се прават истражувања на теренот, со цел изнаоѓање алтернативни излези и откривање воздушни празнини во пештерата.
Во исто време се објавени информации дека децата и нивниот тренер се во добра здравствена состојба. Освен неколку рани и гребнатинки, генерално децата се во добра физичка состојба, и се додава дека тие се и во добра ментална состојба.
Дванаесет деца на возраст од 11 до 16 години, заедно со нивниот тренер на 25-годишна возраст, на 23 јуни исчезнаа за време на прошетката во пештерата Тхам Луанг Нанг Нон во која се случи поплава. По 9 дена претрага, спасувачките екипи успеаја да ги пронајдат децата здрави и живи заедно со нивниот тренер.