Aysu Biçer
28 Јуни 2022•Ажурирај: 29 Јуни 2022
ШЛОС ЕЛМАУ (АА) - На последниот ден од самитот на Групата 7 во Германија, челниците на најголемите светски економии ги повикаа државите и компаниите низ светот да избегнуваат натрупување преголеми залихи на храна за да се ублажи недостигот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Како краткорочно олеснување, ги повикуваме оние партнери со големи залихи на храна и приватниот сектор да ја направат достапна храната без нарушување на пазарот“, рекоа челниците на државите Г7 во заедничката изјава.
Државите на Г7 исто така се обврзаа на дополнителни 4,5 милијарди долари за заштита на најзагрозените од глад и неисхранетост, што е вкупно повеќе од 14 милијарди долари во нивната заедничка посветеност на глобалната безбедност за храна оваа година.
Лидерите на Г7 ја повикаа Русија безусловно да ја прекине блокадата на украинските пристаништа на Црното Море.
„Ќе ги зголемиме нашите напори за да ѝ помогнеме на Украина за да продолжи со производство на земјоделски производи со оглед на следната сезона на жетва и ќе се заложиме да ги поддржиме украинските земјоделци да добијат пристап до основните земјоделски инпути и ветеринарни лекови“, порачаа лидерите.
Исто така лидерите на Г7 рекоа дека ќе ги зголемат своите напори да воспостават алтернативни рути врз основа на веќе спроведените таканаречени патишта на солидарноста на Европската Унија за хуманитарна помош и да обезбедат Украина да извезува житарки и да увезува основна стока и покрај руската блокада на пристаништата на Црното Море.
„Силно ја поддржуваме Украина во обновувањето на извозот на земјоделски производи на светскиот пазар, како и напорите на ОН да го отклучат безбедносниот поморски коридор низ Црното Море“, истакнаа од Г7.