Ahmed Asmar
18 Јули 2024•Ажурирај: 20 Јули 2024
АНКАРА (АА) - Најмалку уште 54 Палестинци загинаа во израелските напади во Појасот Газа, со што вкупниот број на загинати се искачи на 38.848 од 7 октомври минатата година, соопшти денес Министерството за здравство на енклавата, јавува Анадолу.
Министерството додаде дека околу 89.459 лица се повредени во нападите на Израел.
„Израелските сили убија 54 лица и повредија 95 во три масакри врз семејства во последните 24 часа“, соопшти Министерството.
„Многу луѓе сè уште се заробени под урнатините и на патиштата бидејќи спасувачите не можат да стигнат до нив“, беше нагласено оттаму.
Палестинските здравствени власти проценуваат дека над 10.000 луѓе сѐ уште се водат како исчезнати под урнатините на уништените домови низ Појасот Газа.
Непочитувајќи ја Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради континуираната брутална офанзива врз Газа од нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври 2023 година.
Повеќе од девет месеци од почетокот на израелската војна огромни делови од Газа се во урнатини, а постои блокада за храна, чиста вода и лекови.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, со чија последна пресуда му се нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине својата воена операција во јужниот град Рафа, каде што повеќе од еден милион Палестинци побараа засолниште од војната пред да започне копнената офанзива врз градот на 6 мај.