КУДС (АА) - Случувањата и стравувањето кај семејството Ал Курд, кое живее во неизвесност во подрачјето на Шејх Џарах во Источен Кудс (Источен Ерусалим) се повторуваат, јавува Агенција Анадолијa (АА).
Пред речиси 73 години семејството се соочи со присилно раселување од нивниот прадедовски дом во северниот пристаништен град Хаифа, на падините на планината Мар Елиас под слични околности.
Кревкото примирје помеѓу Израел и палестинската група на отпорот Хамас донесе неспокојна тишина во населбата Шејх Џарах, но семејствата што живеат во неа ги демне второ присилно раселување од нивните домови.
Набил ал Курд (77) имал четири години кога неговото семејство се соочило со првото присилно раселување од неговиот дом во 1948 година.
За Агенција Анадолија (АА) Набил раскажа за болните спомени од нападите на израелските сили заедно со ционистичките банди во градот и приведувањето на неговиот татко девет месеци откако им го зеле семејниот ресторан.
„Татко ми ме носеше во ресторанот. Имаше вработено луѓе да се грижат за мене како дете. Еден од нив беше палестински Евреин. Но не ционист“, рече Набил, присетувајќи се на тие денови.
Имотната состојба на семејството била многу лоша откако ја напуштиле Хаифа. Следните осум години тие живееле во соба од 16 квадратни метри.
„Таа соба ни беше сè, спална соба, дневна соба, кујна и бања за сите членови на семејството“, рече Набил, раскажувајќи го патешествието на семејството од богатството што го поседувале до изветвените алишта што ги носеле.
Надежта пристигна во 1956 година кога Јордан потпиша договор со Агенцијата за помош и активности на Обединетите нации (УНРВА) за палестинските бегалци. Од раселените семејства, 28 добија домови во населбата Шејх Џарах, во замена за откажување од нивните права на прадедовските домови и документ за бегалци издаден од Агенцијата на ОН.
„Од 1972 година, израелските здруженија за доселување започнаа да поднесуваат тужби, тврдејќи дека се сопственици на овие домови“, рече Набил.
- Фалсификувани османлиски документи -
Ставајќи ги во прашање тврдењата, тој рече дека овие тужби содржеле текст дека Евреите ги поседувале овие имоти пред 1948 година. Но, тие имоти се изградени во 1956 година. Како можат да тврдат дека ги поседувале пред 1948 година?“ - праша Набил.
Во 1972 година Сефардскиот комитет, израелско здружение на доселеници и Комисијата на израелскиот Кнесет тврдеа дека тие поседуваат земјиште и куќи од 1885 година. Тие тврдеа дека набавиле документи за сопственост од османлиските власти во периодот на нивното владеење со Палестина.
„Нашиот адвокат отпатува во Турција за да ги прегледа османлиските архиви, а потоа заклучи дека овие документи се фалсификувани. Ниту еден од нив не е пронајден во архивата“, рече Набил.
Во 1998 година, откако Набил доби близнаци, Муна и Мухамад, одлучил да ја прошири куќата.
„Во 2000 година кога го завршив проширувањето, дојдоа израелските окупациски сили и го затворија новоизградениот проширен дел“, рече тој.
Следните девет години, неговите молби, инаку оспорувани од здруженијата на доселеници, за затворениот дел од неговата куќа, остануваат без одговор од израелскиот суд.
„Во 2009 година, израелската Влада дозволи голем број доселеници да се населат во тој дел. Сега, само еден ѕид го дели моето семејство од доселениците“, рече Набил.
По егзодусот на Палестинците во 1948 година, кога над 700.000 Арапи беа протерани од своите домови, кој Палестинците го нарекоа Накба (Катастрофа), 28 семејства се населиле во населбата Шејх Џарах во Источен Кудс (Источен Еусалим) во 1956 година, во надеж дека тоа ќе биде последното принудно раселување.
Но, овие семејства, чиј број оттогаш порасна на 38, велат дека секојдневно ја доживуваат Накба.
Прифаќајќи ги молбите на десничарските израелски доселеници, израелскиот суд на почетокот на оваа година нареди присилно раселување на четири палестински семејства од нивните домови во населбата Шејх Џарах.
Нивните домови ги презедоа доселениците кои бргу подигнаа израелски знамиња на нив, означувајќи нова фаза на маки за Палестинците во населбата.
Досега 12 палестински семејства добија наредби за евикција од израелските централни и судовите за прекршоци.
Оттогаш, семејството Ал Курд се обидува на сите начини, преку кампањи на социјалните медиуми и друго, да ги спаси домовите на Палестинците. Нивната кампања „Спасете го Шејх Џарах“ привлече посебно внимание.
Надвор од нивниот дом, близнаците Муна и Мухамад делат брошури за привлекување на вниманието кон нивното принудно иселување. Пеејќи, цртајќи на sидовите и подготвувајќи храна заедно, жителите ги користат сите средства за мирен отпор со цел да ги спасат своите домови бестрашни кон гумените куршуми, гранатите со солзавец и рациите.
„На 19 мај, 15-годишното девојче Сабрин беше погодено со гумен куршум во ’рбетот. Беше погоден и нејзиниот татко“, рече Мухамед.
Муна соработува со организациите за човекови права. На 27 мај присуствуваше на состанокот на УНХРЦ и ја раскажа приказната за принудните раселувања.
На состанокот преку платформата Зум, кога им кажал на Израелците да не играат на картата на жртви и да ја напуштат палестинската земја, администраторот го отстранил од состанокот.
- Реприза на настаните -
„Израелската окупација сака да ги повтори со моите синови случувањата што ги поминав јас во 1948 година. Муна и Мухамед одлучија да го спасат својот дом, како и соседството. Тие повеќе не се плашат“, рече Набил.
Обединетите нации и другите меѓународни организации ја изразија својата загриженост и ја поддржаа нивната кауза, но во голема мера не успеаја да иницираат казнени дејствија против Израел, што континуирано го прекршува меѓународното право.
Мухамад истакна дека сѐ што бараат од меѓународната заедница е да го принуди Израел да се придржува до нормите и да го подигне меѓународното право кон заштита на Палестинците не само во Шејх Џарах, туку и низ цела Палестина.
Тој рече дека во Силван - претежно палестинска населба на периферијата на старото јадро на Ерусалим, од своите домови исфрлени се над 800 луѓе.
„Многу земјоделци го губат своето земјиште поради активностите за доселување [на Евреите]“, рече тој.
news_share_descriptionsubscription_contact
