Emre Aytekin
24 Август 2019•Ажурирај: 26 Август 2019
КАРАКАС (АА) - Претседателот на Националното собрание на Венецуела, опозицискиот лидер Хуан Гваидо, кој се самопрогласи за привремен претседател на земјата, рече дека опозициските партии нема да учествуваат на предвремените парламентарни избори што планира да ги одржи Социјалистичката партија, која е на власт, пренесува Anadolu Agency (AA).
Гваидо во изјавата за новинската агенција Associated Press (AP), истакнувајќи дека изборите се бесмислени во време кога партијата е предводена од претседателот Николас Мадуро, рече: „Решени сме да продолжиме со активностите сè додека изборите не бидат целосно слободни во Венецуела“.
Тој, истакнувајќи дека со предвремените парламентарни избори администрацијата на Мадуро настојува да го заземе последното упориште на опозицијата, рече: „Ова не се избори. Ова е ново засолниште на Владата за да ги легитимира минатите политички зла.“
Претседателот на Уставотворното собрание, Диосдадо Кабело, формирано од администрацијата на Мадуро за ограничување на овластувањата на Националното собрание, рече дека парламентарните избори што треба да се одржат во декември 2020 година, можно е да се одржат во јануари 2020 година или порано.
Мандатот на Националното законодавно собрание истекува во декември 2020 година. Во нормални околности изборите се одржуваат во рамките на месецот кога истекува мандатот на Парламентот.
По неговиот избор за претседател на Националното собрание на почетокот од годинава, 36-годишниот Хуан Гваидо стана водач на опозицијата против администрацијата на Мадуро. Гваидо, кој се самопрогласи за „привремен претседател на земјата“, доби поддршка од повеќе од 50 странски земји, особено од САД и западните земји.
Во преговорите за решавање на кризата меѓу администрацијата на Мадуро и претставниците на опозицијата во Барбадос сè уште не се постигнати резултати. Додека се водеа преговорите, американската администрација воведе нови санкции кон Венецуела на почетокот од овој месец. По воведувањето на санкциите, Владата на Мадуро се повлече од преговорите.
Политичката и економската криза во земјата се продлабочува. Поради тоа, од 2015 година повеќе од 4 милиони Венецуелци ја напуштија земјата поради недостиг на храна и лекови.