Ekip
04 Октомври 2022•Ажурирај: 05 Октомври 2022
ВАРШАВА (АА) - Украина ќе ја врати Русија на предвоените граници до крајот на годината и ќе го врати полуостровот Крим во 2023 година, изјави генерал Бен Хоџис, поранешен командант на американската војска во Европа, на годишниот форум за безбедност во Варшава, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Рано е да се слави победата, но уверен сум дека до крајот на годината Украинците ќе ги вратат Русите на линијата од 23 февруари (пред војната), а до крајот на следното лето ќе го преземат Крим“, изјави Хоџис за полскиот канал ТВН24 БиС.
Русија го припои Крим во 2014 година, потег што многумина го гледаат како вовед за актуелната војна.
„Украина постигна таква динамика што е веќе неповратна. Од историјата знаеме дека војната е тест на волјата и логистиката. Јасно е дека украинските војници имаат поголема мотивација од руските“, рече Хоџис, говорејќи за успесите на Украина.
Тој додаде дека рускиот претседател Владимир Путин прави сè за да го наруши единството на Западот, но дека тоа нема да се случи.
„Кремљ ќе сака да го продолжи конфликтот и смета на фактот дека ние - САД, Велика Британија, Полска, Германија - ќе изгубиме интерес и нема да продолжиме да ја поддржуваме Украина. Но, тоа нема да се случи“, рече пензионираниот офицер.
На дводневниот форум во полската престолнина учествуваат политичари и претставници на одбранбената индустрија од ЕУ и САД.